Македонските тенисери Бесир Дургути и Берк Бугариќ го завршија настапот на фјучрсот во Скопје во првото коло. Дургути загуби од Давуд Амиров од Русија, додека Бугариќ е поразен од Романецот Нини Габриел Дика и двајцата со 2-0 во сетови.
Дургути добро го почна мечот и во првиот сет поведе со 3:1 против Амиров, но потоа противникот ги реализраше своите шанси и направи целосен пресврт добивајќи го сетот со 6:3 откако направи серија од пет гема. Во вториот сет по 3:0 за Амиров, Дургути освои еден гем, но тоа беше се што успеа да направи и сетот заврши со 6:1, а мечот траеше 1 час и 48 минути.
Романецот Дика уште на самиот старт покажа дека е подготвен за победа во мечот со Бугариќ и првиот сет го доби со 6:1 во гемови. Во вториот сет беше изедначено до 2:2, кога Дика успеа да направи брејк и да поведе со 5:2. Бугариќ поради болки во рамото побара медицинска помош, но тоа не беше пречка да освои четири гема и да поведе со 6:5 во вториот сет,а притоа во осмиот гем успеа да спаси и меч топка. Дика успеада изедначи, а потоа и да го добие тај брекот со 7:2 на поени.
Првиот носител Миљан Зекиќ од Србија по голема борба и речиси три часа го победи Германецот Џереми Јан со 2-1 во сетови (16 61 62), додека турнирот заврши за седмиот носител Матс Росенкранц од Германија кој загуби со 2-0 во сетови (76(5) 62) од Петр Нестеров од Бугарија.
Од носителите денеска се елиминирани и Вилсон Леите (6, Бразил) и Антоан Оанг (2,Франција).
Во тек е мечот на Калин Ивановски, кој носител број 4 и игра против Тибо Колсон од Белгија.
Фото: Игор Паневски