Македонскиот национален тим на стартот од натпреварите од Третата Европска зона од Дејвис купот утре – среда ќе игра против домаќинот Црна Гора. Мечевите против домашната репрезентација секогаш знаеле да бидат неизвесни.
За Македонија годинава настапуваат искусните Димитар Грабул и Шендрит Деари, како и младите Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ.
За Црна Гора оваа година се пријавени Резарт Чунгу (25 години, 1452.место – сингл и 2407.место двојки), Петар Јовановиќ (20 години, без ранг), Симон Кнежевиќ (18 години, без ранг) и Матија Самарџиќ (20 години, без ранг). Селектор на тимот е Александар Томиќ. Од овој состав најискусен е Чунгу, за кого ова ќе биде осмо учество за својата репрезентација.
Инаку, Црна Гора најдобриот резултат во Дејвис купот го има постогнато во 2009 година кога настапуваше во Втората Евро-африканска зона.
Според распоредот утре во 10 часот дуелот почнува со мечот на „вторите тенисери“, а веднаш по завршувањето ќе играат и „првите тенисери“, додека последен на програмата е мечот во двојки. Репрезентацијата на Словенија во првото коло е слободна.
Во Б групата во првото коло утре ќе играат: Молдавија – Косово и Кипар – Азербејџан.