Дејвис куп репрезентацијата отпатува за Кипар

June 11, 2023

Дејвис куп репрезентацијата на Македонија утрово во некомплетен состав отпатува за Ларнака, Кипар каде во текот на следната недела ќе биде дел од ова натпреварување во Третата Европска зона. Тенисерите Обрад Марковски, Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ заедно со тренерот Чедомир Јовановски заминаа преку Солун, додека нашиот најдобар тенисер Калин Ивановски заедно со селекторот Горан Шевченко ќе патуваат по завршувањето на денешното финале кое се игра во Скопје. Ова беше и очекуван епилог особено што Ивановски е дел од завршниот меч.

На натпреварувањето на Кипар ќе играат седум репрезентации, а првите три ќе се пласираат следната година и ќе играат во Втората Светска зона. Покрај домаќинот Кипар и Македонија уште се наоѓаат селекциите на: Естонија, Сан Марино, Црна Гора, Малта и Молдавија. Мечевите ќе се играат на тврда подлога.

Според рангот Естонија и Кипар се рангирани како носители и Естонија ќе биде во групата А, а Кипар во групата Б. Македонија со Сан Марино се во вториот „шешир“ ќе со ждрепка ќе бидат распоредени во групите, како и селекциите на Малта и Црна Гора, додека Молдавија која е со најслаб ранг автоматски ќе биде поставена во групата Б.

  • Сметам дека ќе имаме доволно време да се подготвиме за мечевите кои не очекуваат. Убаво е што Калин (Ивановски) игра во финалето на фјучрсот во Скопје. Иако, е на друга подлога мислам дека брзо ќе се прилагоди, особено што тврдата подлога е таа која најмногу му одговара. Се играат два сингла и еден дубл, а токму нашиот дубл Ивановски – Бугариќ играа заедно на турнирите во Скопје. Берк имаше успешни настапи во САД каде што студира токму во игра на двојки. Единствено мали проблеми имаше со рамото на фјучрсот, но по терапијата сметам дека ќе можеме доволно да го користиме кога ќе биде потребно. Посакуваме да бидеме во групата со Естонија со три репрезентации, изјави селекторот Шевченко.

Двете репрезентации кои ќе бидат првопласирани во групите автоматски ќе играат за првото место во зоната, а второпласираните ќе играат третото место. Трите првопласирани селекции ќе бидат промовирани во ранг повиоко за следната сезона.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани