Српската тенисерка Дејана Радановиќ е победничка на „Триглав опен“ турнир што денеска заврши во Скопје и беше со награден фонд од 40.000 долари. Таа во финалето ја совлада Ива Приморац од Хрватска со 2-0 во сетови (61 63) за 1 час и 36 минути игра. Ова за Радановиќ е трета турнирска победа оваа година.
Финалето и првиот сет мина во знак на тенисерката од Србија која поведе со 4:0 во гемови откако направи два брејка. Приморац која вчера ја елиминираше нашата Лина Ѓорческа го освои првиот гем и успеа само да намали во сетот на 4:1, бидејќи Радановиќ го доби сетот со 6:1 откако ја искористи втората сет топка.
Во вториот сет имаше нешто повеќе неизвесност. Првиот гем по 12 одиграни поени и припадна на Радановиќ која потоа поведе и со 3:0 во гемови, но Приморац ја врати за момент играта од вчерашното полуфинале и успеа да стигне до изедначување – 3:3. Сепак тоа беше се што направи во мечот бидејќи српската тенисерка ги доби следните три гема и го освои сетот со 6:3 и со тоа го доби мечот со 2-0 во сетови.
Победничката Радановиќ имаше реализација на брејк топки 5/7, додека финалистката Приморац 1/8.
Победничката Дејана Радановиќ освои парична награда од 4.373 долари и 70 поени, додека финалистката Ива Приморац освои 2.293 долари и 42 поена.
Финалниот меч го следеше и претставникот за развоен тенис на ИТФ Витор Кабрал.
ФОТО: Игор Паневски