Македонскиот тенисер Шендрит Деари успеа да се пласира на главниот турнир на фјучрсот во Нови Сад што се игра за награден фонд од 15.000 долари. Тој денеска во финалното (трето) коло од квалификациите го победи Захарије Зак Талиќ од Австралија со 2-0 во сетови (75 и 60). Мечот траеше 1 час и 50 минути.
Клучен за триумфот беше првиот сет кој Деари го доби со 7:5 во гемови. Противникот поведе со 1:0, а потоа Деари прв направи брејк за водство од 2:1, но веднаш следуваше ри-брејк. Исто беше и по деветтиот гем кога Деари направи брејк за 5:4, но веднаш Талиќ го врати загубениот гем на свој сервис за 5:5. Сепак третата таква предност Деари не ја испушти откако поведе со 6:5 го освои и 12.тиот гем на свој сервис за водство од 1-0 во сетови.
Во вториот сет се беше полесно откако Деари направи три брејка и сетот го освои без загубен гем со 6:0. Притоа Деари имаше 6 од 11 искористени брејк топки, а Талиќ 2 од 3. Противникот на Деари имаше и 8 двојни сервис грешки.
Во првите две кола од квалификациите Деари ги победи: Никола Јовановиќ од Србија 2-0 во сетови (64 62) – прво коло, Милан Дриниќ од Србија 2-1 (46 75 10-4) – второ коло.
Во првото коло на главниот турнир противник на Деари ќе му биде Виктор Јовиќ од Србија (21 год. 820 место АТП).