Македонската женска репрезентација со максимални 3:0 против Молдавија ги заврши мечевите во Б групата од Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што се игра во Скопје. Последниот трет поен за Македонија го донесе дублот Ива Данева и Александра Симева кои ги победија Лиа Белибова и Арина Гамреткаја со 2-0 во сетови (63 и 75) за 88 минути игра.
Првиот сет мина во знакот на бројката три. Македонскиот дубл поведе со 3:0, но набрзо противничките од Молдавија изедначија на 3:3. Потоа следуваше нова серија од три гема за Данева и Симева, кој го освоија сетот со 6:3 во гемови. Резултатски неизвесен беше вториот сет. До 3:3 двата дубла го освојуваа гемот на свој сервис, а потоа следуваше првиот брејк и водство на Молдавија од 4:3, а во следниот гем и 5:3. Сепак маедонските тенисерки заиграа повторно на потребното ниво како од крајот на првиот сет и направија серија од четири гема за да го освојат сетот со 7:5.
Инаку, во двата сингл меча Магдалена Стоилковска со 2-0 во сетови (76(5) и 75) ја победи Даниела Чобану, а Лина Ѓорческа беше поуспешна од Екатерина Висневскаја со 2-0 во сетови (75 и 63).
Противник на Македонија во утрешното финале ќе биде првопласираната репрезентација од групата А Луксембург или Ерменија мечот е во тек 1:1 во поени и 1:1 во сетови во решавачкиот меч во двојки.