Во меч исполнет со пресврти, во кој и двете тенисери беа на една топка до победа и полуфинале, по 2 часа и 30 минути игра на победа во четвртфиналето на ИТФ фјучрсот во W75 Рим се радуваше македонската тенисерка Лина Ѓорческа, откако со 2-1 во сетови (64 57 75) успеаја да ја совлада Американката Варвара Лепченко (3-та носителка, 204. место на ВТА).
Почетокот на мечот беше во знак на противничката на Ѓорческа која поведе со 3:0 во гемови, а откако изедначи на 3:3 Ѓорческа покажа дека е подготвена за борба во овој четвртфинален меч. Сепак следниот гем го освои Лепченко, но потоа следуваше уште една серија од три гема за македонската тенисерка, која поведе со 1-0 во сетови.
Во вториот сет ист почеток – Лепченко поведува со 3:0 и 4:1 во гемови, но Ѓорческа направи серија од четири гема и во 10. тиот гем беше на сервис за победа во мечот. Поведе со 40/0, но не искористи три меч топки и дозволи на ривалката да изедначи на 5:5, а потоа и да го добие вториот сет за 1:1.
Во решавачкиот сет до 2:2 во гемови тенисерките освојуваа гем на сервис на противничката. Лепченко поведе со 3:2 откако го освои гемот на свој сервис и постојано имаше водство и предност од 5:3. Во 10-тиот гем Ѓорческа на свој сервис спаси меч-топка, а потоа го освои гемот (прв во третиот сет на свој сервис) и изедначи на 5:5. На почетокот на овој гем Ѓорческа имаше и дијалог со судијата на стол за една спорна топка (поен за противничката), но тоа како да и даде дополнителен мотив во завршницата на сетот (мечот). До крајот на мечот од тој момент скорот на поени беше 15:8 за Ѓорческа што значеше и освојување на третиот сет со 7:5 во гемови и победа во мечот со 2-1 во сетови.
Во мечот Ѓорческа имаше 15 двојни сервис грешки (9 во вториот сет), Лепченко – 0, а скорот на брејк топки беше: 9/15 Ѓорческа и Лепченко 8/15. Во вкупниот број поени беше 112:104 за Ѓорческа.
Утре во полуфиналето ќе игра против победничката од мечот Петра Марчинко (Хрватска) – Гуимар Маристани Зулета де Релес (Шпанија, 8. носителка).
Инаку, македонската тенисерка и минатата година на турнирот во Рим беше полуфиналистка.