Женската репрезентација на Македонија од 8 до 13 април ќе настапи во Литванија како дел од Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот. Македонските тенисерки лани на домашен терен триумфираа во Третата Европска зона и со тоа обезбедија пласман во повисок ранг. Селекторот Димитар Лабудовиќ за настапот во Литванија се реши за Македонија да играат: Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова. Од петте повикани тенисерки единствена дебитантка е Андова.
Мечевите ќе се играат во СЕБ Арена во Вилнус на тврда подлога, а има вкупно 11 репрезентации, кои ќе бидат подоелени во три групи (една со три национални тима и две со по четири национални тима). Трите првопласирани репрезентации од групите ќе формираат група во која ќе игра секој со секого и двете првопласирани ќе изборат пласман во Првата Евро-африканска зона.
Второпласираните од групата од првата фаза ќе формираат група која ќе игра за пласман од 4-6.место, а третопласираните ќе играат за пласман од 7-9.место. Двете четвртопласирани репрезентации во групите со четири национални тима ќе играат следната година во Третата Европска или Африканска зона.
Најголем фаворит според составот е Хрватска која ја има пријавено Дона Векиќ (34.место ВТА), од другите селекции за Естонија треба да настапи Каја Канепи, а според рангот меѓу најдобрите неколку тенисери секако е нашата Лина Ѓорческа.