Богата програма со дури 18 мечеви ќе има на вториот ден (вторник) на фјучрс турнирот во Скопје за тенисерки „Триглав Опен“ што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Ваквиот распоред значи и комплетирање на првото коло и два меча од втората рунда, како и шест мечеви во конкуренција на двојки од првата фаза.
Богатата програма значи и настап на македонските тенисерки кои ќе бидат дел од главниот турнир, како и во конкуренција на двојки.
По мечот меѓу Денислава Глушкова (Бугарија) и Мерел Хедт (Холандија) на централниот терен е мечот на Магдалена Стоилковска и Лекие Стивенс од Холандија (24 години, 507 место ВТА листа). Во сингл од македонските тенисерки ќе настапи и Ива Данева. Таа на теренот број 6 не пред 11 часот ќе игра против Ксенија Ласкутова од Русија (27 години, 459 место). Лина Ѓорческа во првата рунда е слободна, а во второто коло ќе игра против Лука Удварди од Унгарија.
Нашата најдобра тенисерка Ѓорческа утре (вторник) ќе има настап во конкуренција на двојки. Таа заедно со Деа Херџелас од БиХ како трети носителки ќе играат против Елени Кристофи и Димитра Павлу од Грција. Мечот е предвиден да се игра на Централниот терен, но не пред 14:30 часот. Меч во двојки ќе игра и Магдалена Стоилковска. Таа заедно со Ања Станковиќ од Србија ќе играат против Ксенија Ласкутова (ривалката на Ива Данева од сигл) и Ани Вангелова (Бугарија).
На турнирот во конкуренција на двојки ќе играат и Ана Митевска и Ива Данева, но нивниот меч против Никол Фоса Уерго и Диана Марцинкевича ќе се одигра во среда.