Еден од надежните македонски тенисери Марко Алексовски (13 години), оваа недела е дел од проектот на tenniseurope и Академијата Муратоглу. Македонскиот тенисер заедно со своите врсници ќе имаат можност во овој период да разменат искуства, но пред се да добијат и стекнат нови знаење за тенисот и тениската игра. Ова особено што партнерството трае неколку години.
Фокусот е на врвните јуниори од државите во Европа, а Академијата овозможува тренинзи за младите тенисери, кои треба да бидат иднината на европскиот и светски тенис, но пред се репрезенти на својата држава.
Тренинзите се одржуваат во Франција, а младите тенисери можат да бидат во „друштво“ со познати тениски имиња од светскиот тенис како Медведев, Руне,…
Како дел од оваа Академија на основачот Патрик Муратоглу биле многу познати тенисери, кои сега се дел од тенискиот врв во машка и женска конкуренција.
Марко Алексовски е најдоброрангираниот македонски тенисер на листата на tenniseurope до 14 години, секако ова за него треба да биде големо искуство за да може во следниот период да има подобри резултати. Тој минатата година беше првак на Македонија до 12 години, а воедно е победник и на Мастерсот за играчи до 14 години во конкуренција на домашните тенисери.
Алексовски во Франција беше во друштво и со познатите тениски имиња Медведев и Руне.